Вкупно два милиона евра се предвидени со шестиот јавен повик за маркетиншка поддршка на земјоделските производи во примарното производство и во преработувачките капацитети, соопштија во неделата заменик министер за земјоделие Зоран Коњановски и директорот на Платежната агенција Тони Димовски, а заинтересираните имаат можност да поднесуваат барања за кофинансирање инвестиции до крајот на декември. Станува збор за набавка на трактори за примарно производство, како и опрема за преработка. Корисници на поддршката се сите физички и правни лица запишани во регистарот на земјоделските стопанства. Останавме доследни на своите политики и на ветеното. Преку обезбедените средства за маркетинг на земјоделските производи директно им помагаме на извозно ориентираните преработувачки компании, рече заменикот министер за земјоделие, водостопанство и шумарство, Зоран Коњановски при посетата на Платежната агенција.
Вкупно два милиона евра се предвидени со шестиот јавен повик за маркетиншка поддршка на земјоделските производи во примарното производство и во преработувачките капацитети, соопштија во неделата заменик министер за земјоделие Зоран Коњановски и директорот на Платежната агенција Тони Димовски, а заинтересираните имаат можност да поднесуваат барања за кофинансирање инвестиции до крајот на декември.
Станува збор за набавка на трактори за примарно производство, како и опрема за преработка. Корисници на поддршката се сите физички и правни лица запишани во регистарот на земјоделските стопанства.
„Останавме доследни на своите политики и на ветеното. Преку обезбедените средства за маркетинг на земјоделските производи директно им помагаме на извозно ориентираните преработувачки компании", рече заменикот министер за земјоделие, водостопанство и шумарство, Зоран Коњановски при посетата на Платежната агенција.
Според челникот на агенцијата, Тони Димовски, станува збор за континуитет на мерките за унапредување на земјоделството преку воведување нова опрема и механизација што овозможува поголеми приноси. Потсети дека е во тек и петтиот оглас за поддршка на извезено флаширано вино, преработен зеленчук извезен во стаклена амбалажа и на извезен ориз во пакување.
Согласно јавниот повик, компаниите што го пласираат виното надвор од Македонија ќе добијат средства за покривање 20 отсто од трошоците за етикети, купување шишиња, тапи и ПВЦ навлаки или максимум шест денари од шише, додека преработувачите на зеленчук и овошје до два денара од тегла, за набавка на тегли, метален капак и етикети.
Коњановски посочи дека сите преработувачи кои годинава оствариле поголем извоз од лани ќе користат поголема поддршка, до четири денари за тегла. Апелираше земјоделците да аплицираат и на јавниот повик за земјоделските задруги кој е во тек и предвидува покривање 90 отсто од трошоците за набавка на трактори, како и 100 процентно покривање на платите на менаџерите на задругите. Се кофинансираат и трошоците за осигурување на родот кај индивидуалните земјоделци организирани во задруги, во висина од 80 проценти.
„Сé поголем е интересот за формирање задруги, а објавениот оглас е уште една потврда за поддршката на производителите кои својата иднина ја гледаат здружени во кооперативи. Само неколку месеци по донесувањето на Законот се формирани шест земјоделски задруги", истакна Коњановски.
Во следните десетина денови ќе биде објавен и огласот за кофинансирање на платите на лицата вработени во сточарството, ткн плати за овчарите. Преку Платежната агенција ќе им бидат исплатени средствата на овчарите кои минатата година работеле во оваа дејност.
Одговарајќи на новинарско прашање, Коњановски рече дека во делот на земјоделството не очекува посебна расправа за Буџетот за 2014 гој кој во понеделник влегува во собраниска процедура, зашто, како што истакна, владините политики се јасни, прецизни и однапред утврдени.
„Оваа Влада не работи од денес за утре, туку според повеќегодишни, најавени програми. Преку повеќегодишната програма што заедно ја креиравме со земјоделците, идната година поддршката ќе биде зголемена за уште пет милиони евра и ќе изнесува 140 милиони евра. Ова не го најавивме сега, пред еден месец, за да предизвика дебата, туку уште кога ја баравме поддршката на парламентарните избори", рече Коњановски.
Во врска со објавувањето на јавните повици за финансиска поддршка, Коњановски и Димовски нагласија дека минатата година биле извезени 1,150 милиони хектолитри вино, а рекорден пласман реализира и индустријата за преработка на овошје и зеленчук. Од 2009 до 2012 година, пак, во функција се 1.200 трактори и приклучна механизација. Кофинансирани беа и системи за наводнување.